ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на пописот, СДСМ е против
ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на пописот за една година. Партијата предупредува – потребна ни е статистичка, а не политичка операција. СДСМ одговара – мора годинава да има попис. Се бара консензус...

Пописот на населението ја бранува политичката сцена во земјава. ВМРО – ДПМНЕ преку лидерот Христијан Мицкоски побара одложување на статистичката операција за една година поради пандемијата, но и задолжително користење на апарат за отпечаток од прст. Неприфаќањето на барањата од страна на власта, Мицкоски го карактеризира како основа СДСМ да го мапира теренот пред локални избори и да знаат од владеачката партија каде колку треба да дадат пред изборите. Одложување на попис направиле и други европски земји, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ неприфаќа во пописот да има и отпечаток од прст, а потребно е за одобрување на статистичката операција да се потпишат директорот на статистика и неговиот заменик кој е од ДУИ. Во владеачката партија велат пописот ќе се одржи годинава бидејќи е неопходен за креирање на економски политики. Веруваат дека до изгласување на законот ќе се изнајде консензус со опозицијата.
Следно препукување меѓу власта и опозицијата се очекува да биде околу кандидатурите на членовите на ДИК. ВМРО –ДПМНЕ и официјално потврди дека професорот Александар Даштески е нивен предлог за претседател на ДИК, додека Социјалдемократите се уште молчат околу нивните кандидати.
Миле Ристески
