Излеани неколку реки во кумановско

10.01.2021 15:48

Обилните врнежи предизвикаа излевање на реките во кривопаланечкиот и козјачкиот регион. Водостојот на Крива река и Пчиња е на критично ниво. Во неколку кумановски села поплавени се земјоделски површини, викенд куќи, помошни простории. Екипите на Водостопанство „Кумановско липково поле“ се на терен и ги острануваат дрвјата и гранките, за да овозможат проток на водата.

Поројниот дожд што го зафати кривопаланечкиот и козјачкиот регион предизвика излевање на водата од речните корита. Нивото на Пчиња и Крива река е зголемен и е на критично ниво. Во селата Јачинце, Клечовце, Довезенце и Пчиња поплавени се земјоделски површини, викенд куќи, помошни простории. Пчиња се излеа и на игралиштето во истоименото село.

Мостот во село Јачинце како што може да се види зад мене е речиси целосно под вода. Овој пат води кон селските гробишта меѓутоа засега таму не е пристапно. Водата е излеана речиси насекаде.

Жителите на Клечовце раскажуваат дека секоја година при поголеми врнежи  нивното село е поплавено.

„Пред многу години еден човек го поплави и свињи му поплави и во село Јачинце има поплавено, сега ако се повтори истото не може да се живее вака. Јас имам во Клечовце детелина сеан, стока, ако ми ја уништи“- вели жител на село Клечовце.

Екипите на Водостопанство Кумановско липково поле се на терен и ги острануваат дрвјата и гранките, за да овозможат проток на водата.

„Екипите се на терен во заштита на мостовите односно расчистување на паднатите дрвја кои се во речното корито и доаѓаат до мостовите на реките Пчиња и Крива река и таму се собира голема количина на вода. Нашите екипи работат на терен посоебно во село Драгоманце, Пчиња и село Ветуница. Во идниот пеирод ќе ги санираме овие критични точки“, изјави Оливер Илиевски, директор на Водостопанство „Кумановско-липковско поле“.

Од регионалниот центар за управување со кризи информираат дека има излевање и на реките во Старо Нагоричане. Веќе е договорено службите од оваа општина да излезат на терен со механизација. Реките во урбаните средини, Кумановка, Липковка и Којнарка засега се стабилни.

 

Елена Георгиевска