Што содржи анекс договорот на Бугарија?

10.01.2021 16:59

Има или нема анекс со 12 точки или што содржи дополнението на акцискиот план меѓу Скопје и Софија? Од МНР велат се разменуваат предлози, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за штетност по македонскиот идентитет. Бучковски во наредната недела во Софија, Османи во Атина...

Што содржи анекс договорот од 12 точки кој Бугарија го испратила во Скопје за потпис? Од македонското МНР не откриваат детали. Велат, по комуникацијата меѓу шефот на дипломатијата Османи и неговата бугарска колешка Захариева, двете страни разменуваат предлози за акцискиот план, како и мислења и идеи. Нашата страна очекува одговор од Софија за акцискиот план за спроведување на Договорот за пријателство, за да се врати довербата во него.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи посочува - сѐ што излегува од потпишаната рамка на Договорот е спорно.

Владата досега негираше дека постои некаков анекс на договорот, но тоа во интервју го потврди бугарскиот вицепремиер Каракачанов. На тоа реагираше лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Мицкоски, кој кажа дека анексот содржи исклучително лоши позиции за земјава. Од неговата партија велат дека е срамно од другата страна да дознаваме дека владата за време на празници сѐ уште преговара со Бугарија за нови отворени прашања.

Каракачанов рече дека Македонија може да ги отпочне преговорите со ЕУ овој или следниот месец само ако го потпише анексот од 12-те точки што тие го составиле.

Македонскиот посредник во спорот со Бугарија, Владо Бучковски заминува за Софија каде ќе има средби со тамошните министри. Од македонското МНР велат- има задача да го следи акцискиот план и да ја поттокнува соработката на сите нивоа.

 

Миле Ристески