Поради врнежите, вештачката акумулација „Стрежево“ се полни
Екипите се на терен и внимателно следат како се врши слевањето на водите по собирниот канал и од коритото на реката Шемница- информираат од „Стрежево“.

Обилниот дожд и водотеците од планината Баба интензивно ја полнат вештачката акумулација „Стрежево“ со која стопанисува истоименото битолско јавно претпријатие. До изутрината околу браната наврнале повеќе од 50 литри дожд на квадратен метар, а во акумулацијата има околу 50 милиони кубни метри вода.
Екипите се на терен и внимателно следат како се врши слевањето на водите по собирниот канал и од коритото на реката Шемница- информираат од „Стрежево“.
Поради обилните дождови викендов во акумулацијата се внесени околу 2 милиони метри кубни вода. Зголемен е и дотекот на вода од реката Драгор, како и другите планински водотеци.
Од битолското јавно претпријатие „Стрежево“ потврдуваат дека електро-енергетските постројки се исклучени, а единствено во функција е ставена деривационата централа ХЕЦ „Довлеџик“.
