САД

Продолжува постапката за импичмент на Трамп

11.01.2021 13:36

На 12 дена пред крајот на мандатот на Доналд Трамп, Демократите најавуваат импичмент за актуелниот американски претседател. Обвинувања за наводно негово директно учество во неодамнешниот насилен упад во Капитол Хил од негови поддржувачи. Трамп ги повикува сојузниците во Конгресот да ја обесхрабрат идејата за предвремено отповикување.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес продолжува со чекорите за спроведување на постапката за импичмент за актуелниот претседател Трамп, потврди спикерката Ненси Пелоси.

Ја истакна потребата од резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го мобилизира кабинетот за активирање на 25-от амандман за прогласување на претседателот за неспособен за извршување на должностите. Доколку потегот не успее, Демократите и официјално ќе покренат обвинение за поттикнување востание против Трамп за неговата улога во упадот на неговите приврзаници во зградата на Конгресот во средата.

Универзално прифатено е дека она што се случи е страшно кршење на она што беше - на Капитол - на законодавната гранка, од претседателот на Соединетите држави. Вработените ја забарикадираа вратата, ги изгаснаа светлата и молчеа во мракот. Имаше консензус дека треба да се вратиме и сугестии дека ситуацијата може да трае долго, дека треба да го сториме тоа на непозната локација. Но, постоеше општо верување дека мораше да се вратиме во Капитол што е можно побрзо“, рече Пелоси.

Со евентуалното активирање на 25-от амандман, Трамп ќе биде отстранет од Белата куќа, а Мајк Пенс ќе стане нов претседател. Иако Пенс се дистанцираше од актуелниот шеф на државата, најавувајќи дека планира да присуствува на инаугурацијата на Џо Бајден на 20-ти јануари, нема најави дека е подготвен да го активира 25-от амандман.

Трамп пак ги повикува сојузниците во Конгресот да ја обесхрабрат идејата за импичмент. И покрај јасните критики и осуди за Трамп за наводното поттикнување безредија на Капитол Хил, во Претставничкиот дом, има конгресмени кои се противат на идејата за отпочнување на процесот за негово отповикување.

Во меѓувреме градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баусер побара дополнителни безбедносни мерки за време на инаугурацијата на новоизбраниот претседател, Џо Бајден. Побара прогласување состојба пред катастрофа во Дистриктот Колумбија за да се овозможи сојузна помош. Актелниот претседател потврди дека нема да присуствува на церемонијата.

Вашингтон останува во состојба на целосна подготвеност, во очи на инаугурацијата. Иако манифестацијата вообичаено привлекува стотици илјади посетители, овој пат тоа не се очекува поради тешката ситуација со Ковид-19.

 

Марина Ристова