ССК: Петтиот пакет економски мерки да се донесе во јануари
Од комората бараат продолжување на финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош, како и бескаматните кредити како приоритетни мерки да продолжат и да траат најмалку до април.

Петтиот пакет економски мерки да се донесе во јануари, со цел обезбедување на предвидливост и сигурност што е особено важно за планирање на активностите на економските субјекти за наредниот период- бара Сојузот на стопански комори на Македонија.
Оттаму додаваат дека тоа е важно за да нема прекин кај економските оператори кои немаат воопшто никакви, или имаат значително намалени приходи поради рестриктивните мерки, на кои овие средства им се неопходни за да се зачуваат работните места. Дисконтинуитетот во доделувањето на поддршката може да доведе до намалување на постигнатите ефекти и до забавување на излезот од кризата.
Деловните субјекти во земјава, особено малите и средни претпријатија, сѐ уште се наоѓаат во исклучително тешка состојба, некои се уште со рестрикции во вршење на дејноста, но и оние кои можат да работат се соочуваат со намалена потрошувачка, откажани нарачки и пласмани- сметаат од ССК.
Од комората бараат продолжување на финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош, како и бескаматните кредити како приоритетни мерки да продолжат и да траат најмалку до април.
Сојузот на стопански комори на Македонија до Владата ќе ги достави предлозите од претпријатијата за петтиот пакет на економски мерки.
