Добрососедство

Бучковски во нова мисија во Софија, најавени средби со Каракачанов

11.01.2021 15:21

Од Владата и натаму нема конкретен одговор на тврдењата на бугарскиот вицепремиер Каракачанов за постоење анекс од 12 точки на Договорот за пријателство со Бугарија. Владиниот специјален претставник Владо Бучковски неделава во Софија на разговори со бугарските авторитети. Македонија сѐ уште чека одговор од Бугарија на нон- пејперот што во декември лани Бучковски му го предаде на премиерот Борисов. Анексот е опасен за македонскиот јазик, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата бараат одговор кога е доставен анексот од Бугарија, но и морална и политичка одговорност...

Владиниот специјален претставник за Бугарија, Бучковски во нова мисија во Софија. Најавени се средби со бугарскиот вицепремиер Каракачанов и со шефицата на дипломатијата Захариева. Бучковски треба да побара одговор од бугарската страна за испратениот нон-пејпер со акционен план за спроведување на договорот за добрососедство, доставен пред точно еден месец.

Од официјална Софија, сѐ уште нема конкретен одговор дали се прифаќа или не како појдовна точка за разговори, иако шефот на македонската дипломатија Османи минатата недела истакна дека сега е време за одговор од Бугарија од што ќе зависат и акции за исправување на забелешките на Бугарија за договорот.

Официјално македнската страна останува на ставот дека решение за недоразбирањата со Бугарија е во спроведувањето на Договорот за добрососедство без преговори за идентитетот и јазикот.

Најголемата македонска опозициска партија со предупредување- Бучковски во Софија ќе разговара и за идентитетските прашања. Со анексот, клопчето почнува да се одмотува, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Реакција од СДСМ. Нова година, ама стари лаги на ВМРО-ДПМНЕ, за македонскиот јазик и идентитет ниту се преговара ниту ќе се преговара. ВМРО-ДПМНЕ е партијата која секогаш се става на спротивната страна од државните и национални интереси, велат Социјалдемократите.

„Македонската страна не учествува и нема да учествува во никакви преговори околу јасниот и неприкосновен македонски идентитет. Бидејќи не беше најдено взаемно прифатливо решение, следуваше и блокадата од Бугарија. Нема да дозволиме лагите на Мицкоски да станат вистина. Ако е потребно, на секоја лага на овој безобразен извор на дезинформации, ќе испраќаме по 10 деманти“, се вели во реакцијата од СДСМ.

Според владејачката партија, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ упорно продолжуваат да работат на штета на државните и национални интереси, на штета на интересите на граѓаните.

Ирина Гелевска