Економија

Стопанствениците бараат континуитет на владините мерки

11.01.2021 15:46

Петтиот пакет економски мерки да се донесе во јануари, бара Сојузот на стопански комори на Македонија. Финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош и бескаматните кредити, како приоритетни мерки да продолжат и да траат најмалку до април, инсистира бизнис заедницата. Дисконтинуитетот во доделувањето на поддршката може да го забави излезот од кризата...

Стопанствениците бараат петтиот пакет економски мерки да се донесе во јануари. Оттаму велат дека компаниите поради пандемијата со Ковид- 19 се соочуваат со откажани нарачки и намалена потрошувачка.

Според анкетата на Сојузот на стопанските комори, мерките за одржување на ликвидноста, за даночно олеснување и субвенции за вработените, ќе обезбедат континуитет во работата на фирмите. ССК предлозите ќе ги достави до Владата.

Четвртиот пакет економски мерки тежеше 470 милиони евра од кои 70 милиони беа насочени кон зачувување на околу 250.000 работни места. Првите две кредитни линии имаа за цел подигање на конкурентноста на компаниите.

30 милиони евра тежи третата бескаматна кредитна линија со 3 години рок на отплата и вклучен грејс период до 6 месеци. Рокот за аплицирање на компаниите беше 30-ти декември.

Дијана Ценевска