Дождот добредојден за земјоделските култури
Дождот засега не е никаков проблем во прилепско. Добредојден е за земјоделските култури, вештачката акумулација се полни, каналската мрежа во регионот е чиста, велат надлежните...

Дождовите во Пелагониско-прилепскиот регион во моментов не претставуваат опасност. Со 56 литри наврнати овие десетина дена, по долгиот сушен период, сега се добредојдени за земјоделските култури, посебно житарките и за акумулирањето.
Од водостопанското претпријатие „Прилепско поле“ уверуваат дека каналската мрежа во прилепско е чиста и може да ја прибере водата. Дождовите се, посебно потребни, за полнењето на Прилепското вештачко езеро.
Агрономите, пак, го очекуваат и најавениот снег кој ќе им донесе на есенските посеви заштитна покривка од ниските температури.
Се одржуваат и урбаните канали и водотеци со апел да не се исфрла сметот во нив.
Елизабета Митреска
