Дождовите предизвикаа излевање на неколку реки во тетовско
Поројните дождови предизвикаа излевање на неколку реки во тетовско. Има поплавено ниви, но ако продолжат врнежите се очекува и домовите на дел од населените места во Општина Јегуновце да бидат под вода. Во Мавровско- дебарскиот крај кој вчера остана без струја и проодни патишта, состојбата од утринава е стабилизирана...

Речните корита во тетовско не издржаа. Водата од реките Вардар и Пена се излеа и ја поплавија дел од земјоделската површина во општините Тетово и Јегуновце. Кон село Фалише нивите се буквално под вода. Земјоделците велат дека имаат претрпено огромни штети.
Земјоделска површина има поплавено и во општина Јегуновце, откако на неколку места Вардар се излеа. Нивото на водостојот на оваа река е многу покачено. Ако продолжат врнежите можни се поплави и во дел од селата од оваа општина.
Високи водостои и поплави има и во тетовските села Мала Речица и Порој. Но, засега како што велат од кризниот штаб на Општина Тетово, состојбата е под контрола.
Поројните дождови предизвикаа проблеми и во Мавровско- дебарскиот крај каде во текот на вчерашниот ден и синоќа, мештаните останаа беза струја и со блокирани патишта. Утринава, како што потврдија надлежните, состојбата е стабилизирана. Дефектите се остранети. Граѓаните добија струја, патниот правец Маврово – Дебар е расчистен и е прооден за сообраќај.
Зоран Димовски
