Утврдена листата на кандидати за членови на ДИК

11.01.2021 16:39

Собраниската комисија за избори и именувања ја утврди листата од 14 кандидати за новиот состав на Државната изборна комисија. Политичките партии треба да го направат конечниот филтер, а Собранието со двотретинско мнозинство избира претседател, потпретседател и членови на ДИК. ВМРО-ДПМНЕ за претседател го предлага Александар Даштевски...

Комисијата за прашања на избори и именувања ја утврди листата од 14 кандидати за членови на ДИК кои ги предложија партиите од власта и опозицијата. Од листата, опозицијата треба да предложи претседател и двајца членови на Државната изборна комисија. Парламентарното мнозинство треба да номинира потпретседател и тројца членови на највисокото изборно тело. Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15 јануари. Досега само ВМРО-ДПМНЕ ја потврди поддршката за Александар Даштевски за челното место на ДИК.

На Комисијата беше донесена и предлог одлука Насер Зибери, да биде предложен за народен правобранител. На ова реагираа од Алијанса на Албанците, кои сметаат дека дека за нив не е спорно Албанец да ја извршуваа оваа функција, но за нив е неприфатливо решението за Зибери, зашто според нив тој беше кандидат за премиер на владејачката ДУИ. Побараа поширока дебата за да се избере вистинскиот бранител за правата на граѓаните.

Досега во два мандата во период од 16 години институцијата Народен правобранител ја предводеше Иџет Мемети.

 

Игор Панов