УНЕСКО со бројни забелешки за Охрид
Охрид сѐ поблиску да стане дел од листата на загрозени светски вредности. Мониторинг мисијата на светската организација со низа забелешки за кои сметаат дека е невозможно да се спроведат за кус период...

Веќе нема дилеми Охрид и Охридското Езеро ќе се најдат на Листата на загрозени светски вредности. Иако конечната одлука околу ова прашање се очекува во јули, а поради пандемијата може да биде пролонгирана за извесен период, документот од УНЕСКО, кој е веќе пристигнат до македонските надлежни органи укажува дека за кус период е невозможно да се реализираат големиот број препораки. Реактивната мониторинг мисија на стотици страници укажува дека централната и локалната власт не ги исполниле обврските, односно не ги отстраниле идентификуваните закани по природното и културното наследство кои се прогласени за светско богатство поради што е дадена оваа препорака. Во Нацрт извештајот се посочени веќе познатите проблеми како што се прекумерната и неконтролирана урбанизација, бавноста во справувањето на дивоградбите, немањето решение за депонијата „Буково“ и ред други забелешки меѓу кои се и поставувањето на соларни колектори на куќите во стариот дел на градот, урбана опрема во близина на спомениците на културата, диви депонии и ред други проблеми кои укажуваат на отсуство на свест кај населението за одговорен однос кон светското наследство.
Од општина Охрид излегоа со став дека општината во изминатите 18 месеци била континуирано посветена на разрешување на проблемите за зачувување на сегашниот статус при што укажуваат дека некои од забелешките не се ажурирани и дека ќе испратат коментари по однос на оваа првична верзија на извештајот.
„Јас безброј пати сум кажал низ сите наши изјави и разговори дека статусот на Охрид во УНЕСКО никогаш не бил во прашање. Прашањето сега е дали Охрид ќе остане членка, запишан во Листата на УНЕСКО, меѓутоа ќе биде ставен на таа листа во опасност, што значи дека ние поажурно и поревносно ќе мора да пристапиме кон решавање на проблемот“, изјави Константин Георгиевски- градоначалник на Охрид.
Во документот исто така се укажува дека потфрлиле и институциите кои се формирани за заштита на природното и културното наследство. Поради тоа неодложно и итно се бара да бидат спроведени препораките за отфрлање на некои планови и проекти, да се воведе вистински мораториум на градба додека не се донесат одржливи урбанистички планови, враќање на реката Сатеска во старото корито, како и прогласувањље на Студенчишкото блато за строго заштитена зона.
Сашо Нелоски
