Зошто треба почесто да бидеме во допир со природата?
Какво е влијанието на природата на човекот?

Освен личното пријатно чувство, истражувањата покажале дека опкружувањето може да го зголеми или намали стресот, а тоа влијае на човечкиот организам. Тоа што се гледа, слуша и доживува во секој момент го менува и расположението и нервниот, ендокринолошкиот и имунолошкиот систем.
Стресот од непријатното опкружување може да предизвика да се чувствувате вознемирено, тажно, беспомошно или пак бесно. Овие емоции го креваат крвниот притисок, го забрзуваат срцевиот ритам, ја зголемуваат напнатоста на мускулите и ја спречуваат нормалната работа на имунолошкиот систем. Пријатното природно опкружување пак влијае позитивно на организмот.
Без оглед на староста,образованието социјалниот статус природата секогаш делува позитивно на луѓето. Во едно истражување се наведува дека две третини од испитаниците избираат природно опкружување кога им треба одмор. Природата лекува. Да се биде во природа, па дури и набљудување на сцени од природата , ги намалува: бесот, стравот, стресот и ги зголемува пријатните чувства.
Престојот во природа не само што прави да се чувствувате емоционално подобро, туку благотворно делува и на организмот. Го намалува крвниот притисок и производството на хормони на стрес. Континуираниот престојот во природа може да ја намали дури и смртноста велат научниците. Тие утврдиле дека растенијата во канцелариите, болниците и училиштата, имаат значително влијание на стресот и анксиозноста.
Природата смирува. Таа помага полесно да се избориме со болка. Ние сме генетски програмирани така да дрвјата, билките, водата и другите природни елементи делуваат релаксирачки. Мислите наместо на болка и нелагодност се насочуваат кон неповторлива природна убавина. Ова е убаво прикажано во студијата со пациентите на кои им била направена опериција на жолчното кесе. Една група пациенти гледале во ѕидот на болничката соба, а другите имале поглед на природа. Тие побрзо заздравеле, подобро поднесувале болка и немале негативни ефекти за разлика од оние што гледале во болнички ѕид.
Според докторот што ја водел студијата - Роберт Улрих овие пациенти помалку време поминале во болница. И наредното истражување покажало дека на пациентите во болничките соби подобро делувал амбиентот со слики од природа. Природата обновува, исцелува. Обичен престој надвор на отворено е подобар кога сме нервозни и потиштени.
Во 95% од случаите кои биле предмет на друго истражување, човечкиот организам во допир со природата полесно се справува со сѐ. Се подобрува општото расположение. Се зголемуваат концентрацијата и виталноста. Набљудувањето на природата претставува одмор од секојдневната преголема напрегнатост на умот и освежување на енергијата за предстојните активности.
Едно истражување во Илиноис Чикаго покажало дека луѓето што живеат во куќи на улици каде има многу дрвја и украсни растенија имаат многу повеќе пријатели, блиски и добри меѓусебни релации, посилно чувство за заедништво, смален ризик за уличен криминал, си помагаат и се поддржуваат меѓусебно, за разлика од жителите на згради без многу зеленило наоколу.
Ова истражување на активноста на мозокот додека човекот гледа природа покажува дека центрите на мозокот поврзани со емпатија и љубов светлат, а додека гледа во урбана средина се активираат центрите за страв и анксиозност. Природата ни го поттикнува чувството за меѓусебна поврзаност и во склад со природната околина.
Сите овие податоци од долгогодишни истражувања се само поголем поттик за луѓето што повеќе и почесто да престојуваат во природа, зашто едно дрво, камче, цвеќенце, поточе може многу да придонесе за целокупното здравје и опуштено однесување.
Соња Стојановска
