САД

Трамп одобри прогласување вонредна состојба во Вашингтон

12.01.2021 11:36

Американскиот претседател Доналд Трамп со уредба одобри прогласување вонредна состојба во Вашингтон, откако ФБИ предупреди дека до 20-ти јануари се можни нови вооружени протести. Бајден не се плаши, вели дека е подготвен да даде заклетва и на отворено.

Американскиот претседател Доналд Трамп одобри прогласување вонредна состојба во Вашингтон откако ФБИ предупреди дека до 20 јануари се можни нови вооружени протести. Од Бирото додаваат дека постојат извештаи за групи кои планираат собири пред законодавните домови во сите 50 сојузни држави. Обезбедувањето пред клучните објекти е веќе зголемено по упадот во Конгресот во Вашингтон во кој имаше жртви. В.д. директорот на Одделот за државна безбедност Чед Вулф кој поднесе оставка, претходно дал наредба на Тајната служба да почне специјални операции. Од безбедносни причини се затвораат и некои туристички локации. Се преземаат мерки и за кибернетичката безбедност. Веб страници и социјални мрежи почнаа да ги блокираат профилите и порталите кои пропагираат насилство. Бајден изјави дека не стравува од инциденти на инаугурацијата. Трамп веќе соопшти дека нема да присуствува на свечениот чин, но вети мирно предавање на власта.

„Не се плашам да ја дадам заклетвата на отворено. Нас не информираат. Најважно е тоа што најголемиот фокус е врз казнувањето на луѓето кои направија бунт, кои ги загрозија животите на другите, кои го демолираа јавниот имот и предизвикаа огромна штета. Тој е ставот на повеќето демократи и републиканци во Конгресот“, изјави новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Демократите ги интензивираа напорите за старт на постапката за отповикување на претседателот обвинувајќи го за поттикнување на насилствата. Претставничкиот дом ќе гласа в среда доколку потпретседателот Мајк Пенс во меѓувреме не го разреши актуелниот шеф на Белата куќа. Двајцата се сретнаа вчера за прв пат по инцидентот, што според дел од аналитичарите, е знак дека Пенс нема да попушти на барањето на демократите. Трамп денеска е во посета на границата меѓу Тексас и Мексико каде што се очекува да даде изјава.

Во меѓувреме, десетина компании, вклучувајќи ги „Мериот“ и „Сити бенк“ ги укинуваат донациите за републиканците во Конгресот кои обиделе да ја оспорат потврдата на победата на Бајден. „Хилтон“, „Гугл“, „Амазон“ и „Мајкрософт“ привремено ги запираат сите политички финансирања.

Непосредно пред истекот на мандатот, владата на Трамп се обидува да ги доврши поставените политички цели. Куба повторно е ставена на црната листа со земји кои поддржуваат тероризам. Јеменските Хути се прогласени за терористичка организација.

Маја Стојаноска-Филдишев