Откупот на тутун ист, утре нова рунда преговори
Тутунот се откупува, просечната цена останува иста, како и недовербата на тутунарите во реална процена. Утре на маса треба да седнат со откупувачите и со Министерството за земјоделство на нова рунда разговори. За тутунарите, барањата се реални за разрешница на повеќемесечните турболенции. Времето истекува, а за откуп чекаат над 60 проценти од родот...
Гордана Ангелеска со сопругот и аргатска помош произвеле тон и половина тутун, ама имаат договорено 580 килограми. Не знае што со уште еден тон тутун. Не е задоволна како тече процената, иако не се откажала од надежите.
Недовербата во процената ги тера тутунарите да носат дел од количествата. Слободан Божиноски чека на процена, а тоа што претходно го предал му поминало 160-ина денари.
Вака е на пунктовите пред утрешните нови разговори на тутунарите со откупувачите во Министерството за земјоделство. Барањата за реален откуп, зголемена динамика, решение за вишокот тутун, откуп и во сабота и според класи, па дури, ако треба, и продолжување на рокот во март, Сојузот на земјоделските здруженија ги достави со време. Мора, велат, конечно да се решат повеќемесечните проблеми. Од Иницијативниот одбор на тутунарите се поскептични.
Според инспекторатот, досега се откупени преку 8.500 тони со просечна цена од 166,5 денари. За откуп се над 15.000 тони тутун.
Елизабета Митреска
