И цвеќето лекува, искористете ја неговата моќ за хармонизација на телото, умот и душата

13.01.2021 11:38

Цвеќињата не само што го разубавуваат светот и нашиот живот со својот изглед, со мирисот и боите, туку може да бидат корисни за здравјето и многу лековити. Екстрактите од цвеќињата ја содржат нивната животна снага. Го поттикнуваат процесот на исцелување, ја урамнотежуваат животната енергија во организмот.

Англискиот бактериолог, имунолог и интернист др. Едвард Бах на почетокот на дваесеттиот век, незадоволен од конвенционалната медицина која третирала органи и болести, се свртел кон хомеопатија која има холистички пристап кон човекот како целина. Забележал дека луѓето со сличен карактер имаат и слични здравствени тегоби. Заклучил дека негативните емоции како на пример бесот, омразата, стравот и тагата, создаваат предиспозиција за развој на одредени болести. Сфатил дека болестите доаѓаат од суптилното ниво, и тие се манифестација на ментална и емоционална нерамнотежа. Негативните емоции го угнетуваат нашиот ум и имунитетот и со тоа придонесуваат за лошо здравје. Тој гледајќи ги несреќите и лекувајќи ги луѓето во Првата светска војна,од сочувствителност заболел од канцер. Неговите колеги лекари му предвидувале уште неколку месеци живот. Тој напуштил се и отишол во природа, верувајќи во лековита моќ на билките и на цвеќињата. Работел на себе и користејќи ја исцелувачката сила на мирот, надежта, вербата, знаењето и љубовта, забележал дека негативните емоции може да се трансформираат и да се создаде чувство на среќа и задоволство.

Направил есенции од самоникнати цветови со одредена фреквенција и сончева енергија и се излекувал. Живеел уште 20 години, а неговото откритие се користи повеќе од 80 години. Баховите капки- 38 есенции од самоникнати цветови во разни комбинации се користат за балансирање на разни емотивни состојби, а преку тоа и на физички заболувања. Др. Бах издвоил 7 основни негативни состојби: страв, обесхрабреност, несигурност,, незаинтересираност, осаменост, преголема загриженост за другите луѓе, и чувствителност на туѓи влијанија. Делуваат така што ослободуваат од негативните емоции и поттикнуваат процес на исцелување, доведувајќи ја животната енергија во баланс. Опишувајќи го делувањето на цвеќињата др.Бах велел,, Екстрактите од цвеќињата имаат способност да ја разбудат природата во нас и да не поврзат со нашата душа, како и прекрасната музика или некое уметничко дело. На тој начин носат мир и ги олеснуваат страдањата“.

Подготовките од цвеќињата може да помогнат полесно да се поминат кризните периоди во животот, може да решат внатрешни конфликти и да се добие сила во тешки емоционални ситуации. Може да се користат и како превенција, а нивното дејство особено е добро за деца и трудници затоа што се природни и неможе да им наштетат. Но тие не се инстант терапија, понекогаш треба да поминат неколку недели или месеци за да се постигне целта. Денес постојат многу докази од клинички истражувања кои сведочат за ефикасноста на Баховите капки.


Соња Стојановска