Маричиќ: Во Судскиот совет работат професионалци, институциите да го расчистат случајот со Теофиловски

13.01.2021 14:08

Не може поради еден член, да се удри печат на целиот Судски совет. Министерот за правда, Бојан Маричиќ вели дека во ова тело, надлежно за прочистување на судството работат професионалци кои зад себе имаат докажани резултати. Маричиќ очекува и целосно да се расчисти случајот со судијата и член на советот, Зоран Теофиловски, кој од неодамна е обвинет во случај за нелегална приватизација на земјиште. Евроамбасадорот Гир, вели дека од исклучителна важност е обвинителството и судот квалитетно да работат...

Ќе го задржи ли Судскиот совет кредибилитетот да врши прочистување во судството, ако еден член од ова тело е под обвинение за криминал? Министерот за правда Бојан Маричиќ вели  - во Советот работат поединци докажани во својата област и ќе можат да ја завршат работата. Ги повика институциите да го расчистат случајот со Зоран Теофиловски кој освен што е судија е и член на Советот, а од неодамна се товари за нелегална приватизација на земјиште.

Евроамбасадорот Гир вели дека од исклучителна важност е обвинителството и судот квалитетно да работат, затоа што само така ќе се врати довербата на јавноста во институциите.

Реформата во праводуството е дел од владината Акција 21. Меѓудругото опфаќа и мониторинг  на 50-тина судски случаи од висока корупција годишно, дигитализација на секторот - издавање на судски наредби за примена на посебните истражни мерки како и опремување на судници за да се овозможат и онлајн судења.

 

Анита Димитријевска Велковска