Расправа за Предлог-законот за попис, ВМРО-ДПМНЕ бара негово повлекување и државен консензус

13.01.2021 14:36

Во Собранието расправа за Предлог-законот за попис, ВМРО-ДПМНЕ бара негово повлекување и државен консензус за спроведување на статистичката операција. Лидерот Мицкоски најавува граѓанска иницијатива за нов Предлог-закон и непризнавање на резултатите од пописот, кој се планира во април. ВМРО-ДПМНЕ води неконзистентна политика-возвратија од СДСМ...

Власта веднаш да го повлече законот за попис од Собранието и да се постигне општествен и политички консензус, бара ВМРО-ДПМНЕ. Ако не се случи тоа, лидерот на партијата Мицкоски најави граѓанска инцијатива за собирање потписи за поништување на законот. Попис е потребен, но тоа да биде статистичка, а не политичка операција каква што подготвува владејачкото мнозинство, заклучок на извршниот комитет на партијата. ВМРО-ДПМНЕ инсистира на попишување со отчитување на отисокот од прст. Зошто се најавува политички двоен потпис ако навистина станува збор за статистичка операција и без донесена методологија за негово спроведување, праша Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ треба да се надмине себеси и заедно да го донесеме законот. Мора да се има доверба во Заводот за статистика, став на СДСМ. Потребата од попис е суштинска, се потпира на 4 препораки и на регулатива на Обединетите нации. Очигледно е дека опозициската партија има контрадикторни ставови, вели Калеска-Ванчева.

Пописот се планира да се спроведе од први до 21 април во 50 региони. Ќе се попишуваат и државјаните што се во странство, појасни заменик-министерот за правда.

Собраниската дебата може да трае најмногу три дена. ВМРО-ДПМНЕ забележува дека владејачкото мнозинство го злоупотребува европското знаменце, бидејќи како што велат, се подготвува политичка операција. Во комисиската расправа беа одбиени 37 амандмани од опозициската партија.

Милчо Велески