Лажни вакцини на Фајзер се продаваат на интернет
По измамите со маска и хидроалкохолен гел, Франција се соочува со нова измама на интернет. Продавачи нудат дози од вакцината на Фајзер против Ковид-19. Веќе се откриени три илјади лажни веб страници. Интерпол повикува на будност. Целта им е да стигнат до лични податоци. На ваква измама неодамна алармираа и велшките власти…

По измамите со маска и хидроалкохолен гел, Франција се соочува со измамници кои нудат вакцини против Ковид-19 на интернет. Веќе се детектирани 3.000 веб- страници кои се шират. Филип Рондел, истражувач за компјутерска безбедност го објаснува методот што го користат продавачите.
„Се обидуваат да покажат дека ги имаат сите работи, па ги покажуваат шприцовите со упатства наводно од Фајзер, но и дозите на вакцините“, изјави Филип Рондел, технички директор за „Чек поинт софтвер“.
На веб- страниците нема детали за транспортните средства на дозите и нивното потекло. Се плаќаат со криптовалути. Интерпол повикува на будност.
„Вакцините се привилегиран компјутерски организиран криминал. Од суштинско значење е да се идентификуваат недозволени веб-страници што продаваат лажни производи“, стои на официјалната Интерпол страна.
„Од искуство знаеме дека станува збор за лажни лекови. Навикнати сме на ваков вид производи. И во конкретниот случај, знаеме дека постои голема можност тие да се лажни, иако дел од нив би можеле да бидат и вистински“, вели Рондел.
Целта на овие измамници е да стигнат до вашите лични податоци. На ваква измама неодамна алармираа велшките власти. Во Обединетото Кралство веќе подолго време циркулира лажна порака за закажување на вакцинација.
„Кога ќе кликнете на линкот, ќе ве однесе на оваа страница со лого на владата што ви закажува состанок однапред. Целта на овие криминалци, на овие измами, е да ги украдат вашите лични податоци. Може да ви побараат пари за да се забрза процедурата, но на крајот нема да добиете ништо“, изјави Жером Билоа, експерт за сајбер безбедност.
Некои жртви дури и примиле вакцини од непознато потекло. Лондонската полиција пријави случај на измамник кој одзел 160 фунти од 92-годишна жена за наводна вакцина и ја прободел во раката. Властите повторно апелираа дека во земјата се спроведува бесплатна имунизација и да не паѓаат на измамнички малверзации.
Бојана Крстевски
