Филипче: Ивермектин да се зема исклучиво по препорака на матичен лекар

13.01.2021 16:28

Стигна лекот Ивермектин во земјава. Филипче апелира да не се зема на своја рака. При посета на модуларната болница во Кичево рече дека тие се осмислени да послужат за пациенти кои имаат и друга потреба за лекување, освен ковид. Тие се опремени да служат и како мини ургентни центри, со централен довод на кислород и со апарати за респираторна поддршка. Ќе останат на располагање на пациентите и по пандемијата...

Лекот Ивермектин од денес е достапен низ аптектите, тој е ефикасен и треба да се зема исклучиво по препорака на матичен лекар, информираше министерот за здравство Филипче.

Стабилна е состојба со ковид пандемијата- оценува министерот. Секојдневно приемот на пациенти се намалува, а болниците ширум државава се полупразни. Модуларната во Скопје е целосно испразнета. Сега дел од интерните клиники ќе се вратат во нормална функција. За неколку месеци, за прв пат ќе биде иснталиран и апаратот за компјутерска томографија, а пациентите нема да мора да патуваат во околните градови за оваа услуга, соопшти министерот.

Со капацитет од 45 болнички кревети, целосно е опремен и поставен ковид-центарот во Кичево. На 700 метри квадратни, оваа мини клиника ќе им ги овозможи сите основни услуги на заболените пациенти.

Градоначалникот на Кичево, Дехари, рече дека освен ковид центарот значајна е и изградбата на новата болничка зграда во Кичево, каде здравствените работници ќе имаат можност да ги вршат своите задачи во најсовремени услови.

 

Александра Спировска