Локалците го направија Вевчанскиот карневал, се судрија и со полицијата

13.01.2021 16:56

Василичарските друштва се откажаа од организација на карневалот, но во Вевчани и денеска одекнаа зурли и тапани. Локалците продефилираа и со маски...

Сѐ започна мирно, весели Василичари, зурли и тапани, но кога се случи дефилето на  маските дојде до инцидент. Се судрија вевчанци и полицијата.  Специјалците се обидуваа  да ја растераат толпата од плоштадот, при тоа дојде до турканици, викотници и неколкумина приведени.

И  покрај тоа што немаше организација, вевчанци ја продолжија вековната традиција. Низ улиците продефилираа  стотина маски. Покрај зетот, невестата ,глупавиот Август досетливите вевчанци со многу хумор и сатира ја исмеваа 2020-та година. Во фокусот на вевчанскиот карневал беа корона вирусот, вакцинацијата и спорот со Бугарија.

Градоначалникот вели, немаат надлежност ниту можност да ја спречат организацијата на карневалот, тие со денови апелираа да се почитуваат препораките.

Инцидентот заврши без повредени. Василичарите после еден час си заминаа од плоштадот. Во Вевчани денес имаше стотици полициски службеници и специјалци . Повеќето присутни и маскирани носеа заштитни маски против корона вирусот.

Соња Рилквоска