По отповикувањето, Трамп ги осуди насилствата
Претставничкиот дом изгласа импичмент, се очекува исходот од Сенатот...

Американскиот претседател Доналд Трамп е по втор пат отповикан во Претставничкиот дом на Конгресот. Со 232 гласа „за“, вклучувајќи и 10 од републиканците, и 197 „против“, демократите успеаја да ја реализираат агендата само неколку денови пред инаугурацијата на новоизбраниот шеф на Белата куќа Џо Бајден.
„Домот покажа дека никој не е над законот, дури ни претседателот на САД. Покажа дека Доналд Трамп е јасна и реална закана за нашата земја. Повторно ја испочитувавме заклетвата дека ќе го штитиме и браниме Уставот, со Божја помош“, изјави Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом.
Трамп го обвинија за поттикнување бунт преку говорот кој го одржа непосредно пред седницата за потврда на резултатите од последните избори која беше прекината откако неговите поддржувачи упаднаа во Конресот. Тој ги осуди насилствата и предупреди дека одговорните ќе бидат казнети. Во нередите во Вашингтон загинаа петмина.
„Никогаш не постои оправдување за насилство, нема изговори, нема исклучоци. Америка е нација на законите. Тие кои учествуваа во минатонеделните напади ќе бидат изнесени пред правдата. Постојат информации за нови демонстрации во наредните денови и во Вашинготн и низ земјата. Тајната служба ме извести за можни закани. Секој Американец заслужува да се искаже на мирен и достоинствен начин. Тоа е ваше право според Првиот амандман“, рече Трамп.
Се очекува конечна одлука и од Сенатот во кој сè уште доминираат републиканците иако го загубија мнозинството по гласањето во Џорџија. Ова тело продолжува со работа на 19 јануари. Демократите побараа вонредна седница за потврда на импичментот, но лидерот на републиканското мнозинство Мич Меконел не го прифатил.
