Руската рубља станува официјална валута на Крим
„Кримската влада планира од 1-ви април да премине на користење на рубљата во сите трансакции, вклучувајќи ги и исплатите на пензиите“, изјави вице-премиерот на Крим, Рустам Темиргалиев...

Кабинетот на министрите на Крим планира од април да премине на рубљата како валута за трансакции во земјата. Ова го пренесува РИА Новости, повикувајќи се на вице-премиерот на Крим, Рустам Темиргалиев.
„Кримската влада планира од 1-ви април да премине на користење на рубљата во сите трансакции, вклучувајќи ги и исплатите на пензиите“, изјави Темиргалиев.
И покрај најавите за економска блокада на Руската Федерација, претседателот Владимир Путин, не жали за можното исклучување на Русија од „големата осумка“, соопштува истата агенција. Изјавата ја даде портпаролот на шефот на државата, Дмитриј Песков, како одговор на прашањето дали претседателот „жали“ поради тоа што Г-8 може да остане без Русија.
„Не, претседателот не жали“, подвлече Песков.
Освентоа, тој изјави дека Русија нема да внесува никакви измени во својата надворешна политика како одговор на можните санкции од Запад.
Во меѓувреме, шефовите на Еврокомисијата и на Европскиот Совет, Жозе Мануел Баросо и Херман ван Ромпуј, изјавија дека го сметаат за незаконски референдумот за статусот на Крим.
Ова е објавено на заедничкото коминике, објавено вчера на интернет-страницата на Европската комисија. Баросо и Ромпуј подвлекоа дека референдумот е незаконски и нелегитимен, а неговите резултати нема да бидат признати.
Зоран Богатинов
