САД

Трамп отповикан по втор пат

14.01.2021 13:31

Американскиот претседател Доналд Трамп по втор пат отповикан во Претставничкиот дом на Конгресот неколку денови пред инаугурацијата на новоизбраниот шеф на Белата куќа, Џо Бајден. Се очекува конечна одлука и од Сенатот...

Американскиот претседател Доналд Трамп по втор пат отповикан во Претставничкиот дом на Конгресот. Со 232 гласови „за“, вклучувајќи и 10 од републиканците, и 197 „против“, демократите успеаја да ја реализираат агендата само неколку денови пред инаугурацијата на новоизбраниот шеф на Белата куќа Џо Бајден.

„Домот покажа дека никој не е над законот, дури ни претседателот на САД. Покажа дека Доналд Трамп е јасна и реална закана за нашата земја. Повторно ја испочитувавме заклетвата дека ќе го штитиме и браниме Уставот, со Божја помош“, изјави Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом.

Трамп го обвинија за поттикнување на бунт преку говорот кој го одржа непосредно пред седницата за потврда на резултатите од последните избори која беше прекината откако неговите поддржувачи упаднаа во Конресот. Тој ги осуди насилствата и предупреди дека одговорните ќе бидат казнети. Во нередите во Вашингтон загинаа петмина.

„Ниеден мој вистински поддржувач не може да одобри политичко насилство. Ниеден мој поддржувач не може да не го почитува законот или американското знаме. Ниеден мој вистински поддржувач не може да им се заканува или да ги задева своите американски сограѓани. Ако правите што било од ова, вие не го поддржувате нашето движење, вие ги напаѓате и него и нашата земја“, рече Трамп.

Се очекува конечна одлука и од Сенатот во кој сè уште доминираат републиканците иако го загубија мнозинството по гласањето во Џорџија. Демократите побарале вонредна седница за потврда на импичментот, но лидерот на мнозинството Мич Меконел не го прифатил. Ова тело продолжува со работа на 19 јануари, ден пред инаугурацијата на 46. претседател на САД. Годинава настанот добива поинаков формат поради протоколите за ковид-19, но и од безбедносни причини. Обезбедувањето е на високо ниво. Мобилизирана е и Националната гарда.

„Побаравме од Американците да не доаѓаат на настанот во Вашингтон, и да учествуваат виртуелно. Тоа е вистинскиот избор и најдобриот начин секој да биде безбеден“, изјави Мјуриел Баусер, градоначалник на Вашингтон.

На 20 јануари ќе се емитува и специјална емисија насловена како „Ја славиме Америка“ која ќе ја води познатиот холивудски актер Том Хенкс.

 

Маја С. Филдишев