Османи во Грција, Атина бара спроведување на Договорот
Министерот за надворешни работи Османи во Грција на средби со државниот врв. Официјална Атина бара стриктна употреба на новото име и отстранување на остатоците од симболот на сонцетот на Кутлеш. Шефот на дипломатијата Дендијас порача- Грција може да биде најдобар пријател и сојузник, но потребно е целосно спроведување на обврскиот од Преспанскиот договор. За нас е важна принципиелната поддршка за почеток на пристапни преговори, изјави Османи...

Грција може да виде вашиот најдобар пријател и сојузник, но потребно е целосно спроведување на обврските од Преспанскиот договор – ова му го кажа шефот на грчката дипломатијата, Никос Дендијас на македонскиот колега Бујар Османи на средбата во Атина. Тој побара стриктна употреба на новото име и остранување на остатоците од симболот на сонцето од Кутлеш. Дендијас рече дека Атина ќе продолжи да го поддржува процесот на проширување на Унијата и оти е подготвена да обезбеди и техничка помош на евроинтегративниот пат.
„Би сакал да подвлечам дека целосно, конзистентно и со добра волја спроведување на Договорот од Преспа ќе го гарантира напредокот што го бараме. Ова е тоа што нашите земји и луѓе го заслужуваат. Речиси две години од влегувањето во сила на Договорот, препознаваме дека е направен напредок за спроведување на промената на името. Сепак, потребен е дополнителен напредок. Од една страна, во спроведувањето и конзистентната употреба на новото име и терминологија од сите јавни институции и приватни субјекти, вклучително и веб- страници. Од друга страна, потребно е искоренување на програмата за антиквизација, отстранување на сонцето од Виргина од сите јавни површини и употреби, преименување на јавни патишта и објекти“, изјави шефот на грчката дипломатија Дендијас.
Дендијас рече дека Брисел мора да го држи прашањето за проширувањето на агендата за да не се создаде вакуум простор што може да го пополни друга страна. Му се заблагодари на Османи за тоа што земјава се усогласила со европската позиција кон Турција. Османи, пак, рече дека за нас е многу важна принципиелната поддршка од Грција за почеток на пристапните преговори. Вели - наша намера е да имаме стратешко и искрено пријателство со Атина, базирано на меѓусебна доверба и поддршка.
„Република Северна Македонија и Грција се стратешки партнери. Низ посветена имплементација на Договорот за стратегиско партнерство, познат и како Договор од Преспа ќе продолжиме да го развиваме и да го зајакнуваме ова партнерство. Верувам дека во состојба на криза и пандемија имаме пристојно спроведување на акцискиот план кој произлегува од самиот Договор. Очекувам во идниот период, со намалување на рестриктивните мерки, да се зголеми меѓусебната соработка и спроведувањето на активностите дефинирани со Акцискиот план “, изјави министерот за надворешни работи, Османи.
Македонскиот и грчкиот шеф на дипломатијата ставија потписи на три меморандуми за соработка кои произлегуваат од Преспанскиот договор: за цивилна заштита, за соработка на дипломатските академии и третиот во полето на инвестициите и трговијата.
Дендијас ја спомена и соработката на здравствен план со земјава за обезбедување вакцини, но не спомена кога точно ќе стигне ветената помош од Грција. Двајцата министри разговараа и за продлабочување на економскската соработка, за подобрување на инфраструктурата и на енергетските односи.
Мартин Пушевски
