Здравство

Вакцините се безбедни и сертифицирани, имунизацијата ќе почне во февруари

14.01.2021 14:55

Имунизацијата ќе почне во февруари, но граѓаните нема да може да изберат со која вакцина ќе се вакцинираат, велат здравствените власти. Вакцините безбедни и сертифицирани, вели министерот Филипче. Најави од 21-ви јануари, угостителските објекти ќе работат до 21 часот...

Граѓаните во земјава нема да имаат можност да изберат дали ќе се вакцинираат со дозите на Фајзер, АстраЗенека или руската Спутник. Здравствените власти уверуваат – сите вакцини против ковид коишто ќе пристигнат во земјава ќе бидат безбедни и сертифицирани. Имунизацијата ќе почне во февруари. Првите дози ќе бидат од американскиот производител Фајзер.

„Можно е некои од земјите со кои разговараме, а тоа се Австрија, Бугарија, Полска и Грција најконкретно да одделат некоја количина од своите, но јасно ни укажуваат на тоа дека главен проблем и зошто тоа досега не беше направено, како еден најавен механизам од страна на Европската комисија на солидарностне само со нашата земја, туку и со другите држави што не се членки на ЕУ, е во количината што ја добиле. Значи, значајно помала, некаде десетина од планираната за нивните земји“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

„Оваа вакцина се користи за итна вакцинација, а не како другите регуларни вакцини кои доаѓаат на пазарот. Тоа значи дека е потребно многу внимателно следење и проучување од страна на Владата, за да се обезбеди дека се применува вистинската вакцина“, изјави Џихан Тавила – шефица на канцеларијата на СЗО во земјава.

Први ќе бидат имунизирани здравствените работници кои работат во ковид- центрите и граѓаните над 70 години со ризични заболувања. Втори ќе се вакцинираат здравствените работници со помал ризик и пациентите со хронични заболувања.

Филипче вели, во земјава не е регистриран подвид на вирус како оној во Велика Британија што се прошири во 50 земји.

Од 21-ви јануари, Филипче најави враќање на работното време на угостителите до 21 часот, останатите мерки за превенција од коронавирусот остануваат во сила.

 

Андријана Атанасовска