Работата од дома е за 13 до 50% помалку платена од редовната
Потребна е подобра заштита за оние кои работат од дома, а чиј број значително се зголеми поради ширењето на пандемијата, се вели во последниот извештај на Меѓународната организација на трудот. Во земји со низок и среден приход, речиси 90 насто работат неформално...

Се проценува дека од првите месеци на пандемијата со Ковид-19 во 2020-та, еден на секои пет работници работел од дома. Меѓународната организација на трудот од Женева смета дека пред кризата во светот имало околу 260 милиони работници што работеле од дома, што претставува 7,9 проценти од глобалната вработеност, а 56 насто од нив, односно 147 милиони биле жени.
Тука спаѓаат работниците што работат од далечина, на постојана основа, бројни работници кои се вклучени во производство на стоки што не може да се автоматизира, како што се: склопување електронска опрема, ракотворби, везење. Другата категорија се: работници на дигитална платформа, обезбедување услуги на обработка на осигурителни побарувања, уредување и лекторирање текстови, внесување податоци за обука на системи со вештачка интелегенција.
„Во земјите со низок и среден приход 90% од лицата што работат дома биле во неформалниот сектор и честопати се незаштитени. Бидејќи жените го сочинуваат мнозинството работници што работат од дома, тие се најпогодени од овие работни нееднаквости“, изјави Џанин Берг- Меѓународна огранизација на трудот.
Работниците што работат од дома во просек заработуваат 13 насто помалку во Обединетото Кралство, 22 проценти помалку во САД, 25 проценти помалку во Јужна Африка и околу 50 насто помалку во Аргентина, Индија и Мексико.
Сепак, само 10 земји- членки на Меѓународната организација на трудот ја имаат ратификувано Конвенцијата бр. 177, која промовира еднаков третман на работниците од дома и другите приматели на плата, а само неколку земји имаат сеопфатна политика за работење од дома- се вели во извештајот на Меѓународната организација на труд од Женева.
Свето Николовски
