Прилеп

Почнува да се пријавува вишокот тутун

14.01.2021 15:35

Помина договорот меѓу тутунарите, откупувачите и Министерството за земјоделство, а денеска активности на теренот. Подрачните единици повикаа веднаш да се пријавува вишокот тутун, Прилепскиот комбинат ќе ги преземе количествата од „Далија табак“, а второстепената комисија има работа. Тутунарите очекуваат да се решат состојбите и откупот да влезе во засилена динамика...

Тутунарите веднаш може да го пријавуваат вишокот тутун. Ова е еден од условите што го постигнаа по договорот со откупувачите и министерот за земјоделство Хоџа. Подрачните единици на министерството се отворени да ги приберат податоците колку вишок има во земјава за компаниите да го откупат.

Прилепскиот комбинат, пак, веќе ја подготвува документацијата, за од идната недела да ги купи 440-те тони од кооперантите на „Далија табак“ за да се заокружи најавата дека сиот тутун ќе биде преземен и сите да остварат право на субвенции.

Тутунарите очекуваат зголемена динамика на откупот, но и реална процена. динамиката ќе покаже дали е потребно да се откупува и во саботите.

За откуп се уште 60 насто од родот. До крајот на февруари да се купи сиот тутун, заедно со вишокот. Ако има потреба, со одлука на министерството ќе се бара пролонгирање во март.

Елизабета Митреска