Крим официјално прогласи независност
Украинските закони веќе не важат за оваа област, а целиот украински имот сега е во државна сопственост на Крим...

Кримскиот парламент и официјално ја прогласи независноста од Украина и побара припојување кон Руската Федерација откако на вчерашниот референдум 96, 77 насто од гласачите го побараа истото. По ова, украинските закони веќе не важат за оваа област, а целиот украински имот сега е во државна сопственост на Крим.
„Се вративме кај мајка Русија. Се вративме дома. Русија е нашиот дом. Нашите срца се во Русија“, вели жител на Севастопол.
Во меѓувреме, украинскиот Парламент одобри мобилизација на 40.000 резервисти како одговор на оваа, како што ја нарекуваат, „воена“ ситуација. Привремениот претседател на Украина, Турчинов го оцени референдумот како голема фарса која никогаш нема да ја признае ниту Украина ниту цивилизираниот свет.
„Претпоставувам дека референдумот е нелегален. Целиот свет, Украинците и нашата Влада не го признаваат. Мислам дека само мал број граѓани на Крим сакаат да живеат во Русија, не сакаат да живеат на територија којашто личи на Абхазија. Ова е лошо и Крим ќе биде во лоша ситуација“, вели украински жител.
„Русија не го поддржува Крим, го прави ова за да покаже моќ, бидејќи не им е драго што Јанукович не е веќе претседател. Веројатно, Русија сака да се одмазди“, додава друг.
Европската унија ќе испрати јасен сигнал до Русија да преземе чекори за намалување на тензиите и за воспоставување дијалог со Киев. Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата денеска во Брисел ќе ги објават казнените мерки за поединци коишто се одговорни за обидотза одделување на Крим од Украина, за што Унијата рече дека се коси со меѓународното право.
Претходно, американски претседател Обама изјави дека ги отфрла резултатите од референдумот и предупреди дека Вашингтон е подготвен да воведе санкции за Москва поради нарушување на суверентитетот на Украина.
Марина Автовска
