Од денеска влез во Србија без ПЦР тест
Од денеска македонските граѓани можат да влезат во Србија без задолжителен негативен резултат од ковид тест. Одлуката ја донесе српската влада. Со ова би требало да се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји. Пред два дена и Црна Гора ја повлече одлуката за задолжителен тест. На Табановце денеска раздвижено...
Македонските државјани од денеска можат да влезат во Србија без да приложат негативен ковид тест. Одлуката ја донесе српската влада, а премерката на Србија, Ана Брнабиќ, пред два дена, во телефонски разговор го информирала премиерот Зоран Заев. Со ова ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји. Пред два дена и Црна Гора ја повлече одлуката за задолжителен тест.
Од друга страна, Владата на Македонија во октомври минатата година донесе одлука државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да влегуваат во земјава без да приложат негативен тест.
На Македонско- српската граница на граничниот премин Табановце денеска е раздвижено. Согласно податоците, од полноќ до 14 часот денеска од државата излегле 1.240 домашни државјани, што е зголемување во споредба со претходните денови.
Лицата кои што заминуваа од државата посочија дека ги радува што во соседството може да се патува без ковид тест.
Македонските државјани претходно без тест можеа да влезат само во Албанија и Косово. За влез во Бугарија останува задолжителен тест, додека грчката граница за македонските граѓани е затворена од почетокот на пандемијата на Ковид-19.
Елена Георгиевска
