Бајден го претстави пакетот за помош на економијата
Новоизбраниот американски претседател Бајден го претстави новиот план од 1,9 трилиони долари за помош на американците во време на пандемијата од Ковид-19. Нема време за губење. Мораме да стапиме во акција веднаш, порача Бајден во обраќањето од Делавер...

Новоизбраниот претседател на САД, Џозеф Бајден го претстави стимулативниот предлог- пакет за помош на економијата. Рече дека се неопходни смели инвестиции.
„Новиот план ќе доведе историски инвестиции во инфраструктурата, подобро производство, иновации, истражување и развој и инвестиции во енергетиката. Вештини и обука потребни за нашите работници за да можат да се натпреваруваат и да победат во глобалната економија во следните години“, изјави Бајден.
Пакетот опфаќа 415 милијарди долари за поддршка на одговорот на вирусот и дистрибуција на вакцини против Ковид-19.се очекува планот да опфати и финансиски средства за проширување на кампањата на вакцинација.
„Текот за вакцинација до сега се покажа како неуспешен. Нашата цел е да се вакцинираат 100 милиони луѓе до крајот на моите први сто дена како претседател“, нагласи Бајден.
Сенаторот Чак Шумер изјави дека преодниот тим на новоизбраниот претседател се обврзал на Њујорк да му додели околу две милијарди долари за надомест на трошоците на државните и градските власти поради Ковид-19.
ФБИ: Опасност од нови вооружени протести
Некои медиуми пренесуваат дека пробата зa инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден, закажана за в недела, ќе биде одложена од безбедносни причини.
Официјалните лица предупредија на нова можност за вооружени протести во Вашингтон за време на церемонијата, по минатонеделниот упад во Капитол во Вашингтон од страна на приврзаниците на претседателот во заминување Доналд Трамп, во кој загинаа пет лица.
Директорот на Федералното биро за истраги изјави дека ФБИ испитува лица кои би можеле да ја загрозат безбедноста на инаугурацијата.
„За жал, за мене не е изненадување што органите на прогонот и војската учествуваа во таков настан. Ова е проблем што е постојан низ нашата историја, односно здружување на некои припадници на војската и некои други службеници за спроведување на законот со бели врховисти и крајно десничарски милитантни групи“, изјави Мајкл Герман, поранешен агент на ФБИ.
Претседателската инаугурација, закажана за 20 јануари, традиционално привлекува стотици илјади посетители во Вашингтон, но сега ќе биде многу поскромна, поради пандемијата од Ковид-19.
Марина Ристова
