ЕСМ: Обилните врнежи ја отежнаа работата во рудниците во РЕК Битола, снабдувањето со струја е стабилно
АД ЕСМ во моментов ги задоволува потребите на електроенергетскиот систем со производство на електрична енергија од РЕК Битола, РЕК Осломеј, од хидроелектраните и од ветерниот парк.

Обилните врнежи од дожд и снег во битолскиот регион негативно се одразија врз работата во рудниците на РЕК Битола, а со тоа и врз целиот Комбинат, соопштуваат од АД ЕСМ.
Врнежите од над 100 литри на метар квадратен и надојдената вода, предизвикаа застој во подготовките за поместување на траките кои го пренесуваат јагленот од рудникот Суводол до Термоелектраната, поради што од утрото во прекин е работата на Блок 2. Производството на електрична енергија продолжува од Блок 3, и покрај сериозните предизвици со кои се соочува Комбинатот.
АД ЕСМ во моментов ги задоволува потребите на електроенергетскиот систем со производство на електрична енергија од РЕК Битола, РЕК Осломеј, од хидроелектраните и од ветерниот парк.
Компанијата испорачува електрична енергија кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум согласно потребите и преземените обврски, поради што граѓаните немаат причина да стравуваат за редовното снабдување со струја. Набавка на електрична енергија во моментов нема и не се планира.
