Последни подготовки за инаугурацијата на Бајден
Годинава инаугурацијата на американскиот претседател под посебни здравствени, но и безбедносни протоколи. Во неколку американски држави викендов беа регистрирани протестни собири. ФБИ претходно предупреди дека се можни оружени протести пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Трамп нема да присуствува и заминува за Флорида...

Пандемијата со Ковид-19 и зголемената политичка поларизација кај народот го сменија форматот на претседателската инаугурација на Џо Бајден. Овој пат јавноста виртуелно ќе го следи настанот во Вашингтон. Националната алеја се затвори откако беа преземени драстични мерки за зголемување на обезбедувањето околу клучните владини објекти.
„Тажно е што во земјава мора да има војска на улиците, но горд сум на начинот на кој реагиравме. Конгресот продолжи со работа и покрај сѐ што се случи.“
„Четири години се срамев што сум Американка. Не сум поддржувач ниту на Бајден, но сум за секој што не е како Трамп. Се радувам на новата промена.“
Националната гарда со денови е веќе распоредена во Конгресот кој беше демолиран од поддржувачите на актуелниот претседател Доналд Трамп кои се противат на победата на Бајден. ФБИ ги доведе на распит и членовите на обезбедувањето за да се елиминира опасност од внатрешен напад.
„Овде сме да ги штитиме граѓаните и да ја претставуваме владата. Никој не треба да се плаши од нас доколку нема лоша намера.“
„Секој од нас дава заклетва дека ќе го брани Уставот од непријателот, странски и домашен. Како што видовме, тој некогаш е поблиску до дома.“
За прв пат во 100 години, претседател во заминување нема да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот. Трамп в среда заминува во својата резиденција во Флорида. Американските медиуми известуваат дека на последниот ден од мандатот републиканецот ќе објави 100 помилувања и намалувања на казни.
Инаугурацијата e насловена како „Обединета Америка“ со кој демократите го симболизираат почетокот на новото патување на нацијата кон подобра иднина и обнова на земјата. Најавена е и богата забавна програма со светски музички имиња, како и специјална емисија што ќе ја води актерот Том Хенкс.
Маја С. Филдишев
