„Сител“, „Канал 5“ и „МТВ 1“ лани биле најгледани телевизии

18.01.2021 14:25

На прашањето „Кои домашни и странски канали ги гледавте вчера?“, 52,29 отсто од анкетираните лица одговориле дека ја гледале телевизија „Сител“, 47,97 проценти потврдно одговориле за телевизија „Канал 5“, додека 30,25 проценти гледале првиот програмски сервис на Македонската телевизија (МТВ). По нив, следат „Телма“, „Алфа“, „Алсат-М“ и „24 Вести“.

„Сител“, „Канал 5“ и „МТВ 1“ биле најгледани национални телевизиски канали во 2020 година од македонските граѓани. Ова го покажува Годишниот извештај за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Добиените податоци се засноваат на анкетните испитувања направени на национално ниво во четирите квартали од минатата година, при што е добиен просекот на гледаноста.

На прашањето „Кои домашни и странски канали ги гледавте вчера?“, 52,29 отсто од анкетираните лица одговориле дека ја гледале телевизија „Сител“, 47,97 проценти потврдно одговориле за телевизија „Канал 5“, додека 30,25 проценти гледале првиот програмски сервис на Македонската телевизија (МТВ). По нив, следат „Телма“, „Алфа“, „Алсат-М“ и „24 Вести“.

Во однос на вкупниот број на граѓани кои лани гледале телевизија, на прашањето дали гледавте телевизија вчера, потврдно одговориле 77,4 отсто од граѓаните, додека 22,6 отсто од нив рекле дека не гледале. Ивештајот покажува дека жените лани гледале повеќе телевизија од мажите, Македонците биле повеќе пред телевизиските екрани од Албанците, додека една третина од младите на возраст од 10 до 29 години изјавиле дека не гледаат телевизија. Најверни гледачи на телевизиите се постарите лица над 50-годишна возраст.

Анкетата покажува и дека граѓаните на телевизија најчесто гледаат вести (41,6 отсто од испитаниците), информативна програма (25,7 отсто) и забавна и/или музичка програма (7,1 отсто).

Меѓу странските телевизиски канали, лани најгледани биле „Fox“ и „National Geographic“, додека „Радио-телевизија Србија“ и „Пинк“ најмногу се следени меѓу телевизиите во соседството.