Течат подготовките за вакцинацијата против Ковид-19
Во тек се подготовките за вакцинацијата против ковид 19. Согласно програмата први ќе се вакцинираат здравствените работници, штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години. Од Домот за стари лица во Куманово информираат дека веќе добиле барање да го достават вкупниот број на штитеници, но и од оние кои би сакале да се вакцинираат. Граѓаните кои што ги прашавме велат дека веднаш би се вакцинирале, со цел што поскоро да се стави крај на вирусот.

Течат подготовките за вакцинацијата на населението против ковид-19. Согласно планот, приоритет ќе имаат здравствените работници кои работат во ковид центрите и лабораториите, граѓаните над 70 години, пациентите со хронични болести, лицата со попреченост. Од домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово информираат дека веќе добиле барање од Министерството за труд и социјална политика, да го достават вкупниот број на штитеници, но и од оние кои би сакале да се вакцинираат.
„Ние како дом сме подготвени затоа што целата мината година и првиот и вториот бран бевме на првата борбена линија, веднаш по здравствените работници, затоа што моравме да се придржуваме до низа правила и протоколи кои ги предвидуваше заштита и превенцијата од коронавирусот. Како најранлива категорија граѓани ќе бидеме во состојба штом вакцините пристигнат согласно протоколите тој процес и да го започнеме и да го завршиме како што е замислено и е најдобро за нашите корисници“, вели Дејан Стојановски, директор на Дом за стари лица, „Зафир Сајто“ Куманово.
Од кумановскиот здравствен дом посочуваат дека кадровски и технички се опремени за вакцинацијата. Ги чекаат насоките од Министерството за едукација на вработените. Првите дози на вакцините во земјава треба да пристигнат наредниот месец, а вакцинирањето ќе почне најдоцна од март. Граѓаните кои што ги прашавме велат дека веднаш би се пријавиле за вакцинација, со цел што поскоро да запре вирусот.
„Веднаш би примил ковид, тоа за здравје на човекот е“- вели еден кумановец.
„Ако сите примаат и јас ќе примам што да правиме, би се пријавил зошто да не, треба да се прима“- дополнува друг.
„Чекаме, ќе дојдат ќе се вакцинираме“- нагласува трет.
„Ако има прилика може“-дополнува повозрасен кумановец.
Вакцинирањето ќе биде бесплатно и на доброволна основа. Вакцината ќе се прима во две дози, а привите резултати се очекуваат на 21-от ден по примената втора доза, кога вакцинираниот ќе треба да се стекне со имунитет.
Елена Георгиевска
