Македонија ќе добие 8.000 дози од вакцината „Фајзер“ од Србија

18.01.2021 15:20

Осум илјади дози од американската вакцината „Фајзер“, соседна Србија ќе одвои за Македонија. Вакцините биле понудени како донација, но сепак одлуката на нашата земја е да ги купи по набавна цена. Србија е прва земја која одговори на нашите барања, во очекување да пристигнат вакцините преку Ковакс механизмот и договорените со компанијата „Фајзер“...

Осум илјади дози од американската вакцината „Фајзер“, соседна Србија ќе издвои за Македонија. Вакцините биле понудени како донација, но сепак одлуката на нашата земја е да ги купи според набавната цена. Ова го договориле претседателот на Србија, Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев. Симбол на здравствената криза е солидарноста велат во Владата.

Министрите за здравство на двете земји во наредните денови ќе ги утврдат деталите за испораката на вакцините.

Во февруари од производителот на фајзеровата вакцина се очекува во земјава да пристигнат 5.850 дози, а дополнителни 17.500 во март и април. Здравствените власти тврдат системот е подготвен за вакцинација.

„Клиниката за трансфузиологија отстапи 2 фрижидери на -80 степени за чување на вакцината на Фајзер, а во земјава викендов пристигнаа уште два фрижидери на - 80 степени. До крајот на месецот дополнително ќе пристигнат уште три фрижидери за фајзеровата вакцина“, велат од Министерството за здравство.

Идниот месец во земјава ќе пристигнат и вакцините преку ковакс механизмот, но колку од предвидените 833 илјади дози ќе има во првата пратка засега не се знае. Први вакцината ќе ја примат здравствените работници во ковид центрите, потоа граѓаните кои се во ризичните групи.

 

Андријана Атанасовска