Богојавление- Водици одбележан со светa литургиja во црквите

19.01.2021 16:08

Годинава Водици одбележан само со света литургија во црквите. Поради пандемијата, изостана традицоналното положување на крстот во осветените води. „Нашиот живот да го красат човекољубието и богољубието, зашто не можеме да го љубиме Бога, а да ги мразиме луѓето“, рече поглаварот на Македонската православна црква- Охридска архиепископија г.г. Стефан...

Православните христијани денеска го празнуваат Богојавление. Годинава Водици поради пандемијата одбележан без традиционалните масовни собири и спуштање на светиот крст во водите.

За прв пат во последниве 30 години, Водици се празнува без положување на светиот крст во реките и езерата. Вековната традиција ја прекина пандемијата со корона вирусот.

Наместо тоа, свештениците извршија водосвет во црквите, а потоа ги осветија водите на реката Вардар. Верниците со свеќа в раце се помолија за здравје и бериќет. Велат, иако годинава Водици се празнува без обичаите, традицијата мора да се почитува. Рано наутро во црква, на литургија.

Празникот Богојавление, всушност ги објаснува сите други празници и настани. Ја објаснува целта на Христовото доаѓање како син божји. Крштевајќи се во реката Јордан тој ни дал и пример и заповед за потребата од Светата тајна крштение, рече на Светата божествена златоустова литургија Архиепископот охридски и македонски г.г Стефан.

Христијанството значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Со Водици завршуваат не само 12 таканаречени некрстени денови, туку и циклусот зимски празнувања во кои спаѓаат и свеченостите поврзани со Бадник, Божик и Василица.

 

Александра Спировска