Во аптеките нема Ивермектин и Клексан
Нема Ивермектин и Клексан потребни за лекување од Ковид-19. Матичните лекари велат - вакво нешто не смееше да се случи. Од МАЛМЕД смируваат - се нарачува во мали количества затоа што има недостиг и на светскиот пазар...

Ивермектинот го нема во аптеките. Што се однесува до Клексанот, аптеките очекуваат да има до крајот на неделата.
Во некои аптеки Ивермектинот досега воопшто и не е донесен, само одредени аптеки го имале набавено. Што се однесува до Клексанот, велат дека побарувачката е голема, веќе месец е дефицитарен лек. На пациентите, освен на бремените жени, фармацевтите им препорачуваат таблетарна замена, но задолжително со претходна консултација со лекар. Од Здружението на матични лекари алармираат со став дека вакво нешто не смееше да се случи.
Од Агенцијата за лекови и медицински средства велат дека овие лекови недостигаат и на светскиот пазар. МАЛМЕД веднаш ги одобрува барањата за увоз, но и за дистрибуција е потребно време.
Ивремектинот минатата недела беше пуштен во продажба во само некои аптеки. Тој беше најавен како лек кој што дава резултати за кратко време. Студиите покажале дека оние кои го користат и се позитивни за кратко време добиваат негативен тест, се скратува престојот во болница, се намалува и стапката на смртност.
Наташа Јанчиќ Менковски
