Угостителските објекти од четврток ќе работат до 21 часот

19.01.2021 15:18

Угостителските објекти од четврток ќе работат до 21 часот. Одлуката е донесена на денешната владина седница. Угостителите велат дека изминатата година била најтешка за оваа дејност. Бараат петиот пакет- мерки да важи од јануари, за да има континуитет во исплатата на помошта.

Од четврток угостителските објекти ќе работат до 21 часот. Одлуката ја донесе Владата. Следната недела откако ќе ја анализираме епидемиолошката состојба во земјата, можно е дополнително олабавување на мерките, односно работното време на угостителските објекти да биде до 23 часот, напиша на својот Фејсбук профил министерот за здравство, Филипче.

Од Независната угостителска комора посочуваат дека изминатата година била најтешкиот период за оваа дејност. Оттаму велат дека загубите се зголемиле двојно од првично предвидените 20 милиони евра. Од Комората бараат петтиот сет мерки да се донесе во јануари за да се обезбеди континуитет во исплатата на платите.

И министерот Бектеши претходно посочи дека се размислува работното време на угостителските објекти од 21 јануари биде продолжено до 23 часот. Но, дециден е дека крајниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести. Информира дека новиот пакет антикризни мерки вреден 50 милиони евра ќе стартува од февруари.

Рестрикцијата за угостителите и работното време до 18 часот беше донесена пред новогодишните празници. Владата, тогаш, го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за скратеното работно време со цел да се спречат групирања и новогодишни прослави.

Во земјава има околу 6.500 угостителски објекти со 35.000 вработени. Од Угостителската комора велат дека нема потреба од нови ограничувања во работата, посочуваат со нови протколи може да функционира целата индустрија. НУК пред речиси еден месец поднесе иницијатива пред Уставниот суд за да ја оспори мерката на Владата да забрани организирање новогодишни прослави во рестораните и кафулињата.

 

Дијана Ценевска