Опозицијата бара одговорност поради враќање на кандидати за претставници во НАТО
ВМРО-ДПМНЕ и денеска обвини за непрофесионализам и партиско влијание врз процесот на издавање на безбедносни сертификати. Бара одговорност поради враќање на кандидати за претставници во Алијансата. Од Министерството за одбрана велат - нема партиско влијание врз ветинг-процесот за НАТО...

Институциите под власт на СДСМ издаваат НАТО сертификати само на лица подобни на власта, без разлика дали лицата ги исполнуваат условите, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија сметаат дека процесот на проверка наместо да биде во функција на државата и спроведуван од професионалци се користи за партиска пресметка со неистомислениците.
На обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, реагираше офицерот за безбедност, полковник Горан Василевски кој меѓу другото е надлежен и за издавањето на НАТО сертификати. Смета дека безбедносната проверка не се прави под притисок и дека процесот на ветинг го прават стручни лица обучени од НАТО.
Девет месеци по полноправното членство во НАТО, земјава сѐ уште го пополнува персоналот што ќе ја претставуваат во седиштето на Алијансата во Брисел.
Ирина Гелевска
