Евроинтеграции

Разговорите со Бугарија да продолжат, процесот да заврши со старт на преговорите за членство во ЕУ

20.01.2021 10:00

Шефовите на дипломатските мисии на земјите-членки на ЕУ во земјава предводени од евроамбасадорот Дејвид Гир, на редовниот годишен состанок со премиерот Зоран Заев, покажале интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија...

Шефовите на дипломатските мисии на земјите-членки на ЕУ во земјава предводени од евроамбасадорот Дејвид Гир, на редовниот годишен состанок со премиерот Зоран Заев, покажале интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија. Било истакнато дека процесот треба час поскоро да продолжи и да заврши со старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

Премиерот Заев посочил дека е важно да продолжи дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на Договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка.

Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме, додаде премиерот Заев.

Тој ја поздравил изразената поддршка за проширувањето на ЕУ од амбасадорката на Португалија Вирџинија Пина и ставот на португалското претседателство дека ќе направи сѐ првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи во првата половина на 2021-ва година.