Трамп одржа проштален говор
Бајден и Харис даваат заклетва околу пладне по локално време...

„Неделава ја инаугурураме новата администрација и се молиме за нејзин успех во одржувањето на безбедноста и просперитетот на Америка“, изјави претседателот во заминување Доналд Трамп во прошталниот говор.
Соочувајќи се со втора постапка за импичмент поради упадот на неговите поддржувачи во Конгресот, тој повторно ги осуди насилствата и потсети дека е првиот шеф на Белата куќа кој не почнал нова војна. Трамп го финишира својот мандат со 73 помилувања и 70 намалувања на казни, вклучувајќи го и неговиот поранешен советник Стив Бенон, обвинет за измама.
„Пред четири години почнавме голема национална задача за обнова на земјата, на духот и посветеноста на оваа влада кон своите граѓани. Тргнавме на мисија да ја вратиме големината на Америка за сите Американци. Горд сум на постигнатото. Направивме и повеќе од планираното. Движењето кое го покренавме е само почеток“, изјави Трамп.
Инаугурацијата на 46 американски претседател Џо Бајден добива виртуелен формат од безбедносни, но и здравствени причини. Овој пат во Националната алеја се поставени стотици илјади знамиња кои ги симболизираат луѓето што не можат да присуствуваат на церемонијата, вклучувајќи ги и жртвите од ковид-19.
