Инаугурација на новоизбраниот американски претседател
Бајден и Харис даваат заклетва околу пладне по локално време. Трамп одржа проштален говор...

По четири години, поранешниот американски потпретседател Џо Бајден повторно се враќа во Белата куќа, но овој пат како претседател. Одлуката за кандидатура за лидер на САД и преземање на земјата од рацете на републиканската администрација ја носи по смртоносните нереди во Шарлотсвил во 2017 година, поттикнати од расна нетрпеливост. Демократот со богата политичка кариера се дистанцира од политиката на неговиот претходник Доналд Трамп и ветува борба за обнова на нацијата која се соочува со голема поделеност, економска нестабилност и пандемија. Од безбедносни, но и здравствени причини, инаугурацијата на 46 американски претседател добива виртуелен формат. Овој пат, наместо со народ, Националната алеја е исполнета со стотици илјади знамиња кои ги симболизираат отсутните, вклучувајќи ги жртвите од ковид-19.
„Понекогаш е тешко да се сеќаваме, но така ќе закрепнеме. Тоа е важно за нас како нација. Поради тоа сме овде меѓу приквечерието и зората, да запаметиме што загубивме“, изјави идниот претседател на САД, Џозеф Бајден.
„Со месеци тагувавме сами. Сега тагуваме и си помагаме заедно иако сме физички одалечени. Американскиот народ е со обединет дух. Се надевам, се молам да ја надминеме оваа мака со нова мудрост“, рече Камала Харис, новоизбрана потпретседателка на САД.
Претседателот во заминување Доналд Трамп ја бојкотира инаугурацијата на Бајден и заминува на Флорида, но на новата администрација и’ посака среќа во новиот мандат. Во прошталниот говор повторно ги осуди насилствата во Конгресот поради кои се води втора постапка за негово отповикување, и потсети дека е првиот американски лидер кој не почнал нова војна. Трамп го финишира својот мандат со околу 140 помилувања и намалувања на казни. На неговата проштална забава во базата Ендрус не присуствува потпретседателот Мајк Пенс кој одлучи да биде дел од церемонијата во Вашингтон.
„Тргнавме на мисија да ја вратиме големината на Америка за сите Американци. Горд сум на постигнатото. Направивме и повеќе од планираното. Движењето кое го покренавме е само почеток“, рече претседателот во заминување, Доналд Трамп.
По преземањето на Овалната канцеларија, Бајден ќе објави серија извршни наредби. Дел од нив се однесуваат на враќање во Климатскиот договор од Париз, укинување на забраната за патување на државјаните од неколку муслимански земји и протокол за стекнување државјанство за недокументирани мигранти во САД.
Маја С. Филдишев
