ССК со 15 предлог- мерки до Владата

20.01.2021 14:49

Сојузот на стопански комори со 15 мерки до Владата. Бараат нивно разгледување и имплементирање во петтиот пакет мерки за економски спас на фирмите и на работните места. Велат дека е важно мерките да имаат континутет...

Сојузот на стопански комори испорача 15 предлог-мерки до Владата. Бизнисмените побараа да бидат дел  од петтиот пакет економски  мерки, за да се спасат компаниите и да се зачуваат работните места. Меѓу предлозите, да се продолжи мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари, можност да се репрограмираат обврските за оние со активни кредитни побарувања, да се стопираат извршните решенија, укинување на аконтативното плаќање на данокот на добивка. ССК бара прецизирање на протоколите и помош за најзагрозените сектори.

Од Сојузот на стопански комори сметаат дека за угостителството е неопходно да се направи изедначување на Данокот на додадена вредност на сите услуги и производи  на стапка од 10 отсто.

Реакција на владината помош стигна и од Независната угостителска комора - велат оваа дејност не е поддржана, напротив, за неа се носат препораки и протоколи со ограничување на работно време. Вицепремиерот Битиќи одговори – потребно е сите да бидат разумни во очекувањата и во можностите.

Следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти и по 21 часот.

 

Ана Јосифоска Тодоровска