Во Штип ќе се гради индустриска зона за домашни инвеститори

21.01.2021 13:46

За околу еден месец Штип ќе има нов Генерален урбанистички план, со проектирана нова индустриска зона за домашни инвеститори. Бизнис заедницата во Штип со години бара можност за изградба на нови капацитети, локалната власт ветува инфраструктурни поволности...

Индустриска зона за домашни инвеститори се планира во Штип со низа инфраструктурни олеснувања кои општината ќе ги понуди со цел да се интензивира вложувањето во нови дејности, кои ќе отворат нови работни места, а ќе ја полнат и општинската каса. Локацијата ќе се дефинира во новиот Генерален урбанистички план кој општината ќе го добие после неколку децении.

Единствена локација која може да понуди големи парцели за стопански погони е во близина на сегашната индустриска зона, а според најавите, штипските стопанственици планираат вложување не само во постоечките - главно текстилни, туку и во други дејности.

Нова индустриска зона се планира и во соседната, Општина Карбинци и тоа на површина од 200 илјади метри квадратни. Најголем интерес во карбинскиот регион има за парцели за инсталирање на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија.

 

Славица Величковска