Куманово

Дел од матурантите ја бојкотираат наставата

21.01.2021 15:06

Матурантите од кумановските средни училишта се приклучија на бојкотот. Нагласуваат дека не се за целосно укинување на матурата, туку само бараат да се слушнат нивните барања. Најавуваат дека бојкотот ќе продолжи и наредните денови. Од МОН со став дека само едно училиште во Скопје го спроведува бојктот, а останатите низ државата се изолирани инцидентни случаи.

Дел од матурантите од петте средни училишта од Куманово на првиот ден од второто полугодие, ја бојкотираат онлајн наставата. Организирани од Средношколскиот сојуз бараат да полагаат два наместо четири предмети од државната матура, но и да го добијат планот за скратените наставни програми. Посочуваат дека не се за целосно укинување на матурата. Тие најавуваат дека бојкотот ќе продолжи и наредните денови се додека не се усвојат нивните барања.

„Овој пат Сојузот застана зад овој бојкот и тоа беше единственото што министерката Царовска бараше дека нема да поддржи никаква фејсбук група, нелегална организација само Сојузот и еве конечно Сојузот застана зад нас и се случува бојкотот“- истакна Филип Трајковски, член на Средношколски сојуз.

Од Секторот за образование при Општина Куманово информираат дека наставата ја бојкотираат матурантите од гимназијата „Гоце Делчев“, и стручното училиште „Наце Буѓони“, кои следат настава на македонски јазик.

Од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ потврдуваат дека учениците утринава не се вклучиле на онлајн наставата. Иако наставниците биле подготвени за часовите, матурантите се одлучиле на бојкот. Од ова училиште нагласуваат дека даваат поддршка на барањата на учениците.

Наставата делумно ја бојкотираат и нивните врсници од „Наце Буѓони“на и „Сами Фрашери“, на албански јазик.

„Ние денеска почнавме во училиштето, наставата се одвива непречено. Кај четврта година имаме сознание дека дел од учениците поголем дел не се вклучени на наставата онлајн“- вели Африм Алити директор гимназија Сами Фрашери Куманово.

Од Министерството за образование и наука пак укажуваат дека во едно средно училиште во Скопје се спроведува бојкотот, а останатите низ државата се изолирани инцидентни случаи. Според министерката бројот на пријавени ученици за полагање државна матура е речиси ист како лани, што говори дека не е голем бројот на средношколци кои го поддржуваат овој бојкот.

 

Елена Георгиевска