Бајден- искусен политичар со добри познавања за Балканот

21.01.2021 15:45

Администрацијата на Бајден ќе воспостави поблиски трансатлански односи и врски со европските држави – оценки по изборот на новиот американски претседател. Соговорниците на МТВ велат станува збор за човек кој доборо ги познава состојбите на Балканот. Агендата на Вашингтон ќе зависи од развојот на ситуацијата со пандемијата и нејзиното надминување...

Новиот американски претседател Џо Бајден е искусен политичар со добри познавања на Балканот. Како сенатор и потпретседател се залагаше за интеграција во НАТО и ЕУ и за обединета, слободна и безбедна Европа и се очекува да ја има истата позиција, оценува долгогодишниот македонски амбасадор во САД и соработник -професор на универзитетот „Харвард“, Зоран Јолевски. Смета дека не се исклучува Бајден да има посета на регионот за време на неговиот мандат.

Администрацијата на Бајден ќе воспостави поблиски трансатлански односи и врски со европските држави, оценува аналитичарот Сашо Клековски. Смета дека колку Балканот ќе се најде на агендата на Вашингтон, ќе зависи од развојот на ситуацијата со пандемијата и нејзиното надминување.

Соговорниците на МТВ велат дека смената на администрацијата во Белата куќа нема значително да ја смени американската политика кон регионот. Со последните избори во американскиот Конгрес, мандат добија конгресмени што веќе се докажани пријатели на земјава. Се очекува групата за пријателство во Конгресот да се зголеми во време на мандатот на Бајден.

 

Ирина Гелевска