Кривичен суд

Завршни зборови за случајот „Монструм“

21.01.2021 15:55

Во скопскиот Кривичен суд завршни зборови за случајот „Монструм“. Обвинителката Фатиме Фетаи побара петмина од обвинетите да бидат осудени, а да се запре гонењето на Сами Љута бидејќи не се обезбедени доволно докази дека е вмешан во петкратното убиство кај Смилковоското Езеро. Адвокатката на семејствата на убиените се согласува со Обвинителството...

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ да одговараат за тероризам, додека Хаки и Фејзи Азири да добијат казни за помагање. Во завршен збор прецизирано обвинението за петкратното убиство кај Смилковци. За Сами Љута, поради недостиг на докази, обвинението е повлечено.

Околу пет часа, обвинителката Фатиме Фетаи ги анализираше доказите. Рече- не е вистина дека момчињата се лишени од живот на друга локација, а потоа донесени на брегот на езерото.

Обвинителството ги отфрли и тврдењата дека полицијата подметнувала докази. Возилото „Опел омега“, за кое сведок во процесот тврдеше дека им припаѓа на полициските Алфи, било увезено од странство. Откако му монтирале украдени регистарски таблички, велат од Обвинителството, сторителите го искористиле за да побегнат од местото на настанот. Во постапката пред судот, обвинителите констатираа дека мотивот не е целосно утврден, а останува и нејасно кој обвинет со кое оружје пукал.

Процесот продолжува на трети февруари кога одбраната на обвинетите во завршен збор ќе даде оценка за доказите.

 

Анита Димитријевска Велковска