Рекорден број смртни случаи од Ковид-19 во Велика Британија

21.01.2021 16:14

Во само еден ден регистрирани над 1.800 починати. Лабуристите го обвинија премиерот Џонсон за носење лоши одлуки...

Рекорден број смртни случаи од Ковид-19 во Велика Британија. Во само еден ден регистрирани над 1.800 починати. Лабуристите го обвинија премиерот Џонсон за носење лоши одлуки.

Зошто го отфрливте предлогот на министерката за внатрешни работи Прити Пател, која тврдеше дека треба да ги затвориме границите уште лани во март?“- праша Сер Кир Стармер, лидер на Лабуристите.

Воспоставивме еден од најтешките погранични режими во светот, во март токму вие, заедно со многу други во вашата партија, дававте поддршка на пристапот на отворена граница“- одговори премиерот Борис Џонсон.

Дел од семејствата кои бараат правда за своите најблиски, тврдат дека погрешните одлуки на власта, чинат човечки животи.

Лута сум. Татко ми сè уште можеше да биде жив. Имаше само 60 години. Беше здрав и витален човек. Фактот дека таквите одлуки беа донесени толку лесно, или беа донесени погрешни, не не чини само животот на татко ми, туку може да не чини илјадници животи“, изјави Кетрин Прудо- ќерка на починат од Ковид-19.

Револтот кај граѓаните порасна откако во јавноста излезе снимка од министерката за внатрешни работи во која таа тврди дека границите на земјата требало да бидат затворени порано, уште во март. Епидемиолозите на став дека тоа немало да направи разлика.

Инфекцијата во земјата беше толку проширена што немаше да направи голема разлика доколку границите беа затворени во март. Ограничувањата ќе требаше да бидат спроведени многу претходно, кон крајот на јануари можеби“, изјави Марк Вулхаус, епидемиолог, универзитет во Единбург.

Велика Британија предничи по бројот на смртни случаи во Европа. Досега се регистрирани над 93 илјади жртви од вкупно регистрирани 3,5 милиони случаи на Ковид-19. Минатиот месец земјата почна со имунизација на населението. До средината на идниот месец се очекува да бидат вакцинирани сите луѓе над 70-годишна возраст, како и медицинскиот персонал, или, околу 15 милиони луѓе.

 

Бојана Крстевски