Што значи здраво семејство?
За да се дојде до вистински одговори треба себе си да си поставиме и вистински прашања кои ќе ни помогнат да ги преиспитаме своите одлуки, однесувањето, стилот, или своите постапки, како и постапките на партнерот и децата...

Тоа е опкружување во кое секогаш постои љубов , топлина, праведност, опуштеност, радост, меѓусебна поддршка. Сите ние тежиме да изградиме здраво функционално семејство, за да сме среќни, исполнети, а нашите деца да растат во стабилни и успешни луѓе. Не е лесно да се воспостави релација на меѓусебно почитување и поддршка на вистински вредности. Сите грешиме и повторно се обидуваме на свој начин. За да се дојде до вистински одговори треба себе си да си поставиме и вистински прашања кои ќе ни помогнат да ги преиспитаме своите одлуки, однесувањето, стилот, или своите постапки, како и постапките на партнерот и децата.
Прво, дали кон децата се однесувате како кон индивидуи? Секое дете има свој темперамент, начин на гледање и интеракција со светот околу себе. Родителите еднакво ги сакаат своите деца, но, имаат различни односи со секое од нив. Ако го индивидуализираме својот однос со нив, ќе ги зајакнеме нивните таленти и можности. Треба да се избегнуваат споредбите меѓу браќата и сестрите и секако со нивните другари.
Дали имате редовна семејна рутина?
Децата и родителите треба да имаат одредени активности, навики, утрински обврски, оброци и подготовки за спиење и тоа во одредено време, така семејството полесно се организира. Децата многу ги сакаат семејните ритуали особено родендени, излети, летувања.
Дали вашето семејство активно учествува во пошироката семејна заедница?
Семејствата подобро функционираат ако чувствуваат поврзаност со роднините и пријателите и ако имаат нивна поддршка. Но, таквиот однос секако бара и поголем ангажман, време и вештина за да не ви се мешаат во вашите семејни односи.
За да не се нервирате и разочарувате треба да знаете дали се реални вашите очекувања од другите членови на семејството.
Свеста, знаењето и вештините на вашите деца постојано се менуваат . Набљудувајте ги, читајте и разговарајте со други за да знаете што може да очекувате од детето во секоја фаза од неговиот развој. И родителите имаат ограничувања поради недостиг на време или средства. Не постои супер родител туку супер поединец кој се труди.
Дали времето поминато со семејството е доволно квалитетно и дали придонесува за одржување добри односи меѓу вас?
Поголемиот дел од времето треба да биде забавно, опуштено, обмислено, корисно поминато и колку што е можно повеќе без кавги.
Дали водите сметка и за вашите потреби?
Родителите треба да водат здрав личен живот што подразбира здрава исхрана, вежбање, навики за одмор и спиење. Одвојте време за работи во кои уживате. Ако сте вие задоволна емоционално стабилна личност вашето дете тоа ќе го почувствува. Децата се најсреќни покрај родители во складни односи.
Бидејќи родителот е најважниот пример за детето важно е родителот да биде со морална и општествена одговорност и во склад со своите зборови и дела.
Соња Стојановска
